Спортската прогноза во 23-тото коло по ред во четвртата сезона е во знакот на Серија А и двете големи дербија во Неапол и во Бергамо.
Кој ќе ги реши успешно двете големи загатки и ќе го погоди исходот на дуелите меѓу Наполи и Интер и Аталанта и Јувентус, ќе биде во игра за убавата награда „ајфон12“ што се доделува во секое коло за погодена Тринаесетка.
Елиф Елмас и соиграчите на „Диего Армандо Марадона“ со победа против лидерот Интер можат да бидат први на табелата во Калчото.
Разликата е само еден бод во корист на Интер, што го прави многу привлечен дуелот во Неапол, во сабота од 18 часот.
Второто дерби во Италија ќе се игра во недела од 20.45 часот, а Аталанта и Јувентус бијат битка за учество во Лигата на шампионите.
Старата дама е на четвртото место, последно што води во ЛШ, но сè уште е и во трка за Скудетото.
Аталанта е зад нив со два бода помалку, а амбициите се исти да се игра докрај за титулата.
Има уште многу интересни натпревари, а полека се оди и кон крајот на сезоната, па многу важни се и поените од резервните парови во трката за нов шампион на Спортска прогноза.
Моментно Христијан Т. е лидер со 161 поен, но трката за шампион се вжештува и разликата меѓу него и последниот прогнозер во Топ-50 е само 16 поени.
Наградата е веќе позната, шампионот во четвртата сезона на бесплатната игра што ја организираат Спорт Манија и Sport Life ќе добие ТВ Смарт од 48 инчи, а награди во поени за пазарување ќе добијат и останатите прогнозери што ќе бидат во Топ-5.