Ливерпул ги освои бодовите со победа против Њукасл од 3:1 и остана во трката за првото место во Премиер лигата, но голот на Диого Жота, со кој беше најавен пресвртот на „Енфилд роуд“, долго ќе се коментира.
Португалецот погоди во 21-вата минута за 1:1, но голот е контроверзен. Двајца играчи на Њукасл лежеа на тревата по воздушен дуел во текот на акцијата за голот, а потоа едниот успеа да стане.
Играчите на Ливерпул не ја исфрлија топката во аут, а Жота од втор обид го совлада Дубравка и израмни на 1:1, откако претходно Џонџо Шелви му донесе предност на Њукасл во седмата минута.
Потоа погоди и Мохамед Салах за 2:1 во 25-тата минута и Ливерпул направи експресен пресврт уште во првото полувреме.
Трент Александер-Арнолд ја запечати победата на домаќините со гол во 87-мата минута. Ливерпул по 17 кола со 40 бода е на второто место, зад актуелниот првак и лидер Манчестер сити со 41 бод.

