Разочарувачки пораз од 4:0 за Македонија на гостувањето кај Данска во Копенхаген и крај на надежите дека може да играме на првото Светско првенство. Во второто полувреме Данска буквално ја растури Македонија, кога домаќините ги постигнаа четирите погодоци.
По завршување на мечот, македонските фудбалери разочарани веднаш заминаа кон соблекувалната. Тие сите поминаа буквално покрај трибината каде што беа сместени повеќе од 1.000 македонски навивачи кои беа дојдени да ги бодрат нашите играчи на „Паркен“.
Имаше навивачи од Австралија, Канада, САД кои беа дојдени да ја бодрат Македонија, а фудбалерите буквално поминаа покрај трибините без да ги поздрават. Единствено пред навивачите застана капитенот Енис Барди. Како вистински предводник на тимот, Барди влезе во тунелот кој води кон соблекувалните и успеа да ги врати фудбалерите на терен за да ги поздрават навивачите.
Единствено големо браво за Барди, вистински капитен, а сите останати фудбалери треба да сфатат дека сите тие навивачи кои од целиот свет доаѓаат да ги бодрат, на крајот заслужуваат да добијат почитување.

