Барселона е единствената екипа во првите две кола од трите европски купови што ги организира УЕФА без упатен удар во рамки на голот на противниците, што е фрапантен податок, ако се знае дека шпанскиот гигант е петкратен европски првак.
Двата порази од по 0:3 против Баерн на „Камп Ноу“ и со Бенфика на „Луж“ минаа без ниту еден шут во гол на играчите на Барса.
Веднаш зад нив се фудбалерите на Брондби во Европа Лигата и на Макаби Хаифа во Конференциската лига на УЕФА со само еден удар во рамките на голот на ривалите во првите две кола.
Чудно е и за Волфсбург, екипа од Топ-5 во Бундеслигата со само два удари, колку што имаат и Галатасарај, Мура и Лудогорец. Слаб ефект има и актуелниот европски првак Челзи со само три шута кон голот на Зенит и Јувентус, а во група со нив се и Бешикташ, Генк и украинска Зорија.