Старт за мерак – Србија ја мина стотката и ја декласира Ангола со 46 поени разлика

Богдан Богдановиќ со 24 поени ја предводеше селекцијата на Србија до стартна и убедлива победа од 105:59 против Ангола на премиерниот меч од Мундијалот во кошарка во Кина.

Бекот на Сакраменто кингс стрелаше рафално кон противничкиот кош и промаши само двапати од 10 обиди. Ангола се обиде да се спротивстави, но немаше доволно расположени кошаркари да се носи со големиот фаворит, па загуби со убедливи 46 поени разлика.

Србите ги добија сите четири периоди и тоа убедливо, а блескаше и Никола Јокиќ со 14 поени, шест асистенции и пет скока. Ист ефект во поени имаше и Милутинов, а Марјановиќ забележа дабл-дабл учинок со 12 поени и 10 скока.

Калос Мораис беше најефикасен во составот на Ангола со 15 поени, а двоцифрен учинок забележа само Леонел Пауло со 10 поени.

Задутре Србија ќе игра против Филипини, додека Ангола ќе се пресмета со уште една европска селекција, со Италија истиот ден.

 

- Оглас -

Најнови вести