Србија продолжи со победи во квалификациите за настап на Светското првенство што ќе се игра идната година во Јапонија, Филипини и Индонезија.
Вечерва популарните Орли ја победија Велика Британија во Њукасл со 74:68 и се пробија на второто место на табелата во И групата.
Трите најдобри селекции од сите групи ќе играат на Мундијалот, а клучен меч Србите ќе играат против Турција во понеделник на домашен терен.
Турција вечерва ја победи Белгија со 86:52 и сега распоредот на табелата по 7 кола, или на три рунди до крајот е многу интересен во оваа група.
Летонија со победата од 80:60 против Грција е сигурен патник за СП и има биланс од 6 победи и еден пораза на чело на табелата.
Зад нив се Србија и Грција со биланс 4-3 и Турција и Белгија со ефект од 3-4.
Две од овие четири селекции заедно со Летонија ќе играат на Мундијалот.
Во дербито на колото вечерва, Шпанија ја победи Италија на гостински терен по продолженија со 88:84.
Во регуларниот дел беше 70:70, а во дополнителните пет минути Црвената фурија беше подобра, славеше триумф со четири поени разлика и се пласира на Мундијалот каде ќе ја брани титулата.
На добар пат да им се приклучи е и Италија и покрај поразот вечерва. Шпанија им скор од 6-1, Италија е зад нив со 5-2, а шанси за пласман на СП имаат и Грузија и Исланд со ефект од 4-3 по 7 кола.