Србија и Германија во битка за светскиот кошаркарски трон

Денеска од 14.40 часот започнува пресметката која ќе го даде новиот владетел во светската кошарка, селекциите на Србија и на Германија ќе се борат за титулата светски шампион.

Ова е прво финале за Србија по пауза од девет години, последен пат играше во 2014 година кога загуби од дрим тимот на САД, и ќе има можност по 21 година повторно да го крене шампионскиот пехар. Во 2002 година, тогашната СР Југославија во финалето ја совлада Аргентина (84:77).

Иако на СП допатува без најдобриот кошаркар, Никола Јокиќ како и без одличниот Василије Мициќ, Србија успеа со одлична колективна игра да дојде до финалето. Србија во полуфиналето ја победи Канада (95:86), а претходно во четвртфиналето падна Литванија (87:68). Уште еден адут на Србија е селекторот Светислав Пешиќ кој во 2002 година како селектор на тогашната СР Југославија стана светски шампион.

„Во финалето ќе играат две одлични селекции кои играат тимски. Двата тима имаат победнички пристап и одлична атмосфера и сигурен сум дека ова ќе биде вистинско финале. Одбраната ќе биде клучот за победа. Ние сме екипа која покажа од одбрана можеме да ги креираме нашите напади. Мислам дека ние сме најдобра репрезентација по поени од транзиција. Ја немаме висината и силата како Германија, но имаме квалитет да ги предвидуваме ситуациите, добро да ја читаме играта иако без борбеност и пожртвуваност не помага интелигенцијата“, изјави Пешиќ.

Вториот финалист е Германија која во нокаут фазата оствари две тесни победи, над Летонија (81:79) и над САД (113:111) која е предводена од одличниот Денис Шрудер. Ова за Германија е прво учество во финале на Светско првенство, а досега најголем успех и е третото место на СП во 2002 година.

„Играме кошарка и се натпреваруваме на највисоко ниво, секој натпревар за мене е ист. Нормално, ова е финале и горд сум што ќе играм за титулата против Србија. Работевме добро и ќе се обидеме да го правиме тоа што го правевме досега. Сите се подготвени за тешки 40 минути“, рече Шрудер.

- Оглас -

Најнови вести