Победата на Партизан против Спарта Прага во Конференциската лига донесе доволно поени за нашиот северен сосед во сезоната 2023/2024 да има два претставника во Лигата на шампионите.
Србите имаат повеќе поени од Украинците, кои останаа без свои клубови во Европа, па првакот на Србија директно влегува во групната фаза од ЛШ во есента 2023 година, а вториот оди во второто квалификациско коло.
Уште постои теоретска шанса ова да не се оствари, но условот е белгискиот Гент да стигне до финалето на Конференциската лига и Црвена ѕвезда и Партизан сезонава да не освојат веќе поени во своите настапи во еврокуповите.
Македонија, поточно македонските клубови, се наоѓа дури на 48-мото место на листата на УЕФА. Послаб рејтинг имаат само Лихтенштајн, Велс, Гибралтар, Исланд, Црна Гора, Андора и Сан Марино. Ситуацијата ќе се влоши следната година, кога ќе се избришат резултатите од сезоната во која Вардар играше во Лигата на Европа.