Србија загуби на свој терен во Лесковац од Албанија и на тој начин речиси ги загуби сите шанси да биде меѓу најдобрите две селекции во својата квалификациска група. Таму Англија е убедливо прва, Албанија е втора со 11 бода од шест меча, а Србија е трета со седум бода од пет средби.
Калкулациите се дека Србија мора да ја победи Англија на гости, што е речиси невозможно ако се знае силата на Гордиот Албион и фактот дека тие во Белград славеа убедливо со 5:0. Затоа Србите сламката за спас кога се работи за баражот за место на Светско првенство ќе ја бараат преку Лигата на нациите.
Четирите најдобро пласирани екипи на вкупниот пласман во Лигата на нациите, кои беа победници на групите и не беа меѓу двете екипи што завршија први во своите групи, ќе продолжат во плејофот.
Победниците на групите во Лигата на нациите се: Шпанија, Германија, Португалија, Франција, Англија, Норвешка, Велс, Чешка, Романија, Шведска, Македонија, Северна Ирска, Молдавија, Сан Марино. Во квалификациски групи речиси сигурни меѓу најдобрите две се: Шпанија, Германија, Португалија, Франција, Англија и Норвешка.
Северна Ирска е на добар пат да биде меѓу најдобите две во својата група, Шведска вечерва треба да слави против Косово, а ако Романците ја победат Босна и Херцеговина во ноември, би можеле да стигнат и до второто место.
Молдавија и Сан Марино немаат шанси, а нашата Македонија моментално е прва во својата група и ако го победиме Казахстан дома вечерва, ќе бидеме на дофат на квалификациите за Светското првенство преку групната фаза. Доколку Велс, случајно, вечерва дома ја победи Белгија, тие исто така ќе има голема шанса да биде меѓу најдобрите две во групата.
Значи, ако се исполнети четири од следниве пет услови, Србија ќе обезбеди место во баражот преку Лигата на нациите:
– Северна Ирска да биде меѓу првите две во својата група (солидна шанса)
– Шведска да биде меѓу првите две во својата група (околу 20-30% шанса)
– Романија да биде меѓу првите две во својата група (околу 30% шанса)
– Македонија да биде меѓу првите две во својата група (околу 70%)
– Велс да биде меѓу првите две во својата група (околу 30-40% шанса).