Селекцијата на Србија по пауза од 24 години, повторно ќе игра на Европско првенство, откако денеска, во последното квалификациско коло остана непоразена во дуелот со Бугарија играјќи 2:2 на новиот стадион „Дубочица“ во Лесковац.
Србите во последното квалификациско коло влегоа како второпласирани во групата Г со два бода предност пред Црна Гора, но и со подобар меѓусебен скор во двата меѓусебни дуели, па поради тоа и реми им носеше пласман на ЕП кое ќе биде прво по 2000 година кога настапија под друго име, Србија и Црна Гора.
Знаејќи дека влогот е пласман на ЕП во Германија, Србите офанзивно го започнаа мечот и таквата игра вроди со плод во 17-та минута кога Вељковиќ го отвори резултатот.
Но, потоа наместо да продолжат со офанзивната игра, Србите го намалија притисокот и тоа го искористи Бугарија во второто полувреме да постигне два гола.
Прво, Русев во 59-та минута израмни на 1:1, а десет минути подоцна Кирил Десподов погоди за 1:2.
Сепак, во финишот Србија се спаси од пораз, и тоа со голот на Бабиќ во 82-та минута.
Унгарија го завери првото место во групата откако во Будимпешта со 3:1 ја совлада Црна Гора.
Унгарците до триумфот дојдоа со пресврт во второто полувреме.
Црна Гора поведе во 36-та минута преку Рубежиќ, но во вториот дел, најдобриот унгарски фудбалер, Доминик Собослаи режираше пресврт за само две минути.
Собослаи во 67-та и во 68-та минута постигна два гола, а првото место во групата го завери со голот на Наѓи во судиското продолжение.