Репрезентацијата на Србија со 2:1 славеше над Летонија во последниот меч од квалификациите за СП 2026. Србија имаше неуспешни квалификации и нема да игра на Мундијалот, а од вечерва повторно е без селектор.
Вељко Пауновиќ кој дојде на местото на Драган Стојковиќ Пикси, ги одработи двата меча за кои беше ангажиран и имаше половичен успех. Србија загуби на гости од Англија со 2:0, а вечерва со 2:1 ја победи Летонија. По мечот со Летонија, Пауновиќ најави дека тука завршува неговиот ангажман, барем засега.
„Не можам ништо да кажам сега. Ми треба време. Мислам дека е човечки да добијам време, да разговарам со моето семејство, со моите советници“, рече Пауновиќ, оставајќи ја позицијата главен тренер празна.
„Сите знаеме дека ова беше итна мисија. Можеше да испадне подобро или полошо. Сите три сценарија беа во оптек кога ја донесов оваа одлука. Сега со ова искуство одам во следниот период, каде што треба да донесам одлука“, е пораката на Вељко Пауновиќ.
Српската фудбалска федерација претходно изрази желба Пауновиќ да продолжи да ги води „Орлите“ во иднина. Подготвен му е договор до 2030 година, а наводно би можел да добие дополнителни овластувања во младинските тимови.
Сепак, очигледно ќе биде потребно време за да се смират впечатоците и да се донесе конечна одлука. Сигурно е дека Србите не се рамнодушни кон фактот дека тој рече дека сака да размисли за тоа.
„Не сакам да извлекувам заклучоци врз основа на два натпревари. Сакам да направам анализа, а видов што можат да направат момците и како реагираат во одредени ситуации. Само ми е жал што не им дадовме гол на Англичаните“, рече Пауновиќ.

