Српскиот кошаркар Никола Топиќ ја освои титулата во НБА-лигата со Оклахома Сити тандер и покрај тоа што не одигра ниту еден натпревар оваа сезона.
Тешката повреда на коленото здобиена уште лани во мај го спречи да дебитира во најсилната кошаркарска лига на светот, во која влезе како 12-ти пик на драфтот, а сега е вкупно шести Србин со НБА-титула.
Поранешниот играч на Црвена ѕвезда има 19 години и 316 дена, што го прави третиот најмлад играч што некогаш освоил НБА-титула. На оваа листа има само двајца играчи пред него. Едниот е неговиот сонародник Дарко Миличиќ, кој ја освои титулата со Детроит пистонс во 2004 година на возраст од 18 години и 361 ден, и Џонатан Куминга, кој славеше во 2022 година со Голден стејт вориорс на возраст од 19 години и 253 дена.
Како и Миличиќ, Топиќ ја освои титулата без да даде никаков значаен придонес на теренот. Миличиќ играше само пет минути во три натпревари во финалето во 2004 година, а Топиќ воопшто не играше поради сериозна повреда на коленото што ја претрпе пред да влезе во НБА. Сепак, како член на официјалниот состав на Тандер, и тој може да добие шампионски прстен.
На секој тим кој ја освоил титулата во НБА, од лигата му следуваат по 12 прстени за играчи, но клубот има право да побара дополнителен број за повредени играчи кои ја пропуштиле сезоната од здравствени причини, па од Оклахома Сити зависи дали и Топиќ ќе добие прстен за освоената титула.