Женската репрезентација на Србија е старо-нов светски првак во одбојка. На Мундијалот кој се играше во Холандија, Србија во финалето на доминантен начин со 3:0 во сетови славеше над Бразил.
Во текот на целото Светско првенство србинките блескаа и на крајот до златото стигнаа благодарение на 12-те победи во исто толку мечеви. Со овој успех, Србија само го повтори блескавиот резултат од планетарниот собир пред четири години во Јапонија, кога прв пат стигнаа до златото.
Во финалето, првиот сет беше најнеизвесен. Бразил поведе со 7:3, но потоа Србинките израмнија на 10:10 и потоа се играше речиси поен за поен на двете селекции. Беше 24:24, а Србинките успеаа да освојат два поени во низа и стигнаа до 1:0 во сетови.
И во вториот сет Бразил подобро започна и поведе со 6:2 и 9:5, а Србинките израмнија на 12:12. Кариоките водеа со 16:13, а потоа следуваше серија од 7:0 за Србија и стигнаа до водство од 20:16. Актуелните светски шампионки ја задржаа предноста и го добија вториот сет со 25:22.
Во третиот сет Бразилките едноставно како да се предадоа. Србинките поведоа со 7:4, потоа со 12:7 и 16:8, па до крајот рутински го одиграа сетот кој заврши со 25:17 и Србинките се промвираа во старо нови светски шампионки.