Фенербахче триумфираше над Баерн Минхен со конечни 88:84 во рамките од петтото коло во Евролигата. Во балканскиот стратешки дуел, Србинот Жељко Обрадовиќ го надмудри црногорскиот тренер Дејан Радоњиќ, а „фенерите“ им се вратија на победите по поразот во претходното коло од Анадолу Ефес.
Избраниците на Радоњиќ беа рамноправни противници на домаќините во текот на целата средба, а Фенербахче дури пред финишот го скрши отпорот на „баварците“. Датоме се истакна како најефикасен во турскиот состав со 19 поени, а Весели додаде 16 поени. За гостите, најрасположен беше Букер со 15 поени и седум скока.
Претходно, Басконија славеше убедлива победа над Дарушафака со 82:56. Шенгелија и Хилард ги предводеа домаќините со 13, односно 12 поени, додека кај поразените најефикасни беа Савас и Ерик со по 12 поени.