Србите дадоа почит за загинатите во Кочани, а потоа ја победија Австрија и остануваат во елитниот дел од Лига на нации

Селекцијата на Србија со 2:0 ја победи Австрија на стадионот „Рајко Митиќ“ во Белград и тоа беше доволно за голема радост на домашните. Со оваа победа Србија го обезбеди останувањето во А сегментот на Лига на нации, затоа што на првиот меч во Виена беше нерешено 1:1.

Немања Максимовиќ го постигна голот кој најави дека Србија ќе победи. Се играше 56 минута кога гостите очајно реагираа при едно изведување на топката од петерецот, а Максимовиќ ја искористи грешката и погоди за 1:0.

Потоа, Австрија остана и со играч помалку по исклучувањето на Траунер, а на Србија ѝ беше поништен гол за 2:0 во 74 минута, кога Душан Влаховиќ за милиметри беше во офсајд позиција. Влаховиќ на крајот сепак се радуваше на погодок. По еден контра-напад, во 90 минута, фудбалерот на Јувентус погоди за 2:0.

Средбата во Белград започна со едноминутно молчење за сите трагедии кои се случија во изминатиов период, а тука се трагедијата во Кочани, 16-тиот починат во трагедијата во Нови Сад, како и починатите некогашни фудбалери Душан Маравиќ, Андрија Делибашиќ и Радиша Илиќ.

Додека сите на стадионот мирно стоеја во чест на починатите, на семафорот во Белград се „развеа“ и македонското знаме.

 

- Оглас -

Најнови вести