Претседателот на Кошаркарската федерација на Србија, Небојша Човиќ, потврди дека Алекса Аврамовиќ и Тристан Вукчевиќ ќе бидат подготвени за продолжението на Европското првенство во кошарка.
Србија се соочи со бројни проблеми на Европското првенство. Веќе на вториот натпревар останаа без капитенот Богдан Богдановиќ, а вчера пристигнаа и нови лоши вести.
Тристан Вукчевиќ го пропушти мечот против Турција поради повредa, а за време на натпреварот, теренот го напушти и Алекса Аврамовиќ.
Тие сцени предизвикаа загриженост кај српскиот тим, но сè ќе биде во ред, па Аврамовиќ и Вукчевиќ ќе бидат подготвени за продолжението на првенството.
„Алекса Аврамовиќ дојде токму од преглед и ќе биде сѐ во ред“, изјави Човиќ и додаде:
„Што се однесува до Тристан Вукчевиќ, и тој ќе биде во ред. Се надевам дека повредите ќе нè заобиколат.“
Човиќ е свесен дека повредите претставуваат голем проблем за сите тимови.„Повредите не се само наш проблем. И другите селекции имаат повредени играчи. Тоа е ризик при вакви натпреварувања, групната фаза е многу тешка. Елиминациската фаза има помал физички притисок, но е психолошки потешка. Одиме во втората фаза и се надевам дека ќе бидеме подготвени. Жалам што Богдан Богдановиќ ја имаше оваа повреда. Ќе се обидеме да ги исполниме поставените цели“, изјави Човиќ.
Србија загуби од Турција со 95-90 и како второпласирана се пласира во осминафиналето, каде што противник ќе им биде Финска. Натпреварот се игра в сабота, од 20:45 часот, во Рига.