Србите на колена пред безвременскиот Скола и атомскиот Кампацо

Фантастичното издание на Аргентина ѝ пресуди на Србија, која е светски и европски вицепарвак. Гаучосите предводени од ветеранот Луис Скола и извонредниот Факундо Кампацо ги спуштија на земја српските Орли и ги совладаа со конечни 97:87 за пласман во полуфиналето на Мундобаскетот. Вториот фаворит за златниот медал на ова Светско првенство доби час по кошарка од разиграната Аргентина и претрпе големо разочарување.

Србите за малку ќе останеа неми на фуриозниот старт на Кампацо, кој диригираше во првите 10 минути со шест поени и исто толку асистенции. Откако Аргентина ја направи иницијативата, кошаркарите на Ѓорѓевиќ одговорија на ист начин, па јасно беше дека неизвеноста ќе трае до последните моменти.

Гаучосите во неколку наврати пропуштија прилика да дојдат до двоцифрена предност, што ја оставаше Србија во игра, а резултатска предност Орлите дочекаа во воведот од четвртата делница. Потрпени на атомскиот напад и тројките кои ги служеа цел меч, Аргентинците веруваа дека можат да го приредат првото изненадување во нокаут-фазата.

Рафалот од линијата 6,75 метри продолжи да ги служи аргентинските кошаркари, а откако се виде пад во играта на српскиот состав во последните пет минути, тоа беше најава дека за него заврши авантурата на Мундобаскетот во Кина.

Петмина кошаркари на Аргентина имаа двоцифрен учинок, а најмногу се истакна Скола со 20 поени, додека незапирливиот Кампацо запиша дабл-дабл од 18 поени и 12 аситенции. За Србите залудни беа комбинираните 39 поени на Богдановиќ (21) и Бјелица (18), како и двојниот учинок на Јокиќ со 16 поени и 10 скока.

Аргентина сега мирно ќе ја чека разврската меѓу светскиот првак САД и Франција за да го добие противникот во полуфиналето.

- Оглас -

Најнови вести