Србите не го издржаа притисокот од Англија, наместо во Лесковац, ќе играат во Белград

Фудбалскиот сојуз на Србија објави дека натпреварите со Англија во септември и во октомври против Албанија ќе се играат на најголемиот стадион кај нив, „Рајко Митиќ“ во Белград.

Дуелот со Англија требаше да се игра на „Дубочица“ во Лесковац, но Англичаните правеле силен притисок да не се игра таму, туку во Белград. На крај, ФСС по детални анализи во кои се земени предвид безбедносниот и организацискиот аспект, попушти.

По повод овој случај, се огласи и српскиот претседател Александар Вучиќ.

„Фудбалскиот сојуз и останатите не можеа да издржат ни пет минути притисок од англиската амбасада и останатите кои бараа мечот да се игра во Белград. Нека остане запишано дека јас бев за тоа да се игра во Лесковац, но донесоа одлука да се игра во Белград. За мене луѓето во Лесковац не се помалку вредни од тие во Белград. На Англичаните не им се одело до Лесковац. Што ми е гајле? И јас добив десет барања од нивната амбасада и не одговорив на ниту едно. Но, има луѓе кои не се во состојба да издржат притисок и ја сменија одлуката, па мечот го преселија во Белград.

Мечот од квалфикациите за СП 2026 помеѓу Србија и Англија ќе се игра на 9 септември. Сепак, тоа е преголем спектакл за да се игра на стадион со 8.000 седишта, колку што има капацитет убавиот стадион во Лесковац, и веројатно и тоа придонесе ФСС да се премисли и да одлучи да се игра во главниот град.

Србите ќе играат во Лесковац, но на последниот домашен меч во квалификациите, со Летонија во ноември.

- Оглас -

Најнови вести