Соседите Србија и Унгарија ќе играат вечерва во меч од Г групата во квалификациите за Европското првенство 2024 година, а влогот е голем. Двете селекции имаат освоено по седум бода од три натпревари и се на водечките две позиции во групата, па победникот на овој дуел со три бода ќе биде лидер.
Српските медиуми најавуваат дека овој дуел е повеќе од важен затоа што ако се победи Унгарија, ќе им остане полесниот дел од „операцијата“ пласман на ЕП 2024 година. Србија не била дел од континентален собир повеќе од две децении, односно од ЕП 2000 година.
„Клучен меч не е, но има голема важност. Овој меч може многу да ни донесе“, вели селекторот на Србија, Драган Стојковиќ-Пикси, кој се очекува да постави игра во формација 3-4-1-2.
Во изминативе три години овие две селекции одиграле три дуели и сите завршиле со малку погодоци. Унгарија има една победа во Белград со 1:0, Србија победи со 1:0 во Унгарија, а еден дуел во Унгарија е завршен нерешено со резултат 1:1.