Среќна му е седумката, сега ќе се обиде да донесе среќа со Хуманитарен тикет

Драган Начевски ја заврши богатата фудбалска кариера со седум трофеи, а сега во акцијата со Хуманитарен тикет на Sport Life и Спорт Манија ќе се обиде со малку среќа и да им помогне на социјално загрозените категории луѓе во Македонија.

Во кариерата за сите клубови за коишто настапуваше, а ги има вкупно 9, постигнуваше голови, што е интересен податок, а вкупната бројка на погодоци е над 100.

ТАЛИЈА МУ Е ЃОКО ХАЏИЕВСКИ, ТРИ ОД 7-ТЕ ПЕХАРИ ГИ ОСВОИ ПОД КОМАНДА НА ПОЗНАТИОТ ТРЕНЕР

„Морам да го споменам Ѓоко Хаџиевски бидејќи со него како тренер имам хет-трик шампионски круни, две со Вардар во Македонија и една со Баку во Азербејџан. Задоволен сум од играчката кариера. Имав прекрасни моменти во сите 9 клубови за коишто играв. Секогаш се вели дека може и повеќе, особено што е млад, со 20 години дебитирав за македонската репрезентација, но јас сум апсолутно среќен што имав кариера без сериозни повреди и со убав биланс од 7 трофеи“, вели Начевски.

Сега веќе е во тренерските води, работи со децата во младинската академија на Фудбалската федерација на Македонија, како главен тренер на генерацијата фудбалери родени во 2007 година и е во стручниот штаб на селекцијата за фудбалери до 19 години.

„Ме исполнува работата со младите категории. Убаво е кога можеш да им помагаш на идните таленти да се развиваат, да одат по фудбалскиот пат што го замислиле и, секако, да бидат идни А репрезентативци. Македонија има фудбалски таленти, а во поново време и одлични услови за работа на терените на Фудбалската федерација на комплексот ’Петар Милошевски’. Кога работам со децата, ме потсетува на времето кога и јас почнував да играм фудбал. Постојано бев со топката. И да врне и да вее другарував со фудбалот, спорт што беше магичен за мене. Се надевам дека успевам да им го пренесам моето знаење и искуство на помладите категории фудбалери“, додава нашиот поранешен репрезентативец.

ГИ ДЕЛИ УБАВИТЕ СПОМЕНИ И НАЈГОЛЕМАТА БОЛКА НА ВАРДАРЦИ – ЕЛИМИНАЦИЈАТА ПРОТИВ СПАРТА ПРАГА

И Начевски како и сите од генерацијата фудбалери на Вардар што играа на дуелите во квалификациите за Лигата на шампионите во 2003/04 сè уште ги паметат моментите од незаборавните дуели со ЦСКА Москва и со Спарта Прага.

„Убави спомени, но и голема болка остана од тие дуели и вистинска штета е што за влакно не се пласиравме во фазата по групи во Лигата на шампионите. Во Прага му асистирав на Оливеира за гол во ремито 2:2, но останавме покуси за еден погодок против чешкиот шампион, по поразот во Скопје со 2:3. Немавме ни грам среќа, а среќни бевме што тогаш Скопје, па можам да кажам и цела Македонија беше во фудбалски транс. Паметам дека дури и улиците беа блокирани кога патувавме кон стадионот, каде што немаше место и игла да падне. Дури и скалите беа полни, а амбиентот беше величенствен. Штета што не искористивме дел од шансите и во Скопје и во Прага за да го направиме последниот чекор кон историски успех“, се потсети Начевски на незаборавната авантура на најтрофејниот македонски клуб речиси пред две децении.

Со Вардар има по две титули во првенството и во Купот на Македонија, по еден пехар во домашниот куп освојуваше со Металург и со Тетекс, а беше и шампион на Азербејџан со ФЦ Баку.

СЕНЗАЦИОНАЛНАТА ПОБЕДА ВО АТИНА МУ ГО УРНА СОНОТ ЗА ТИТУЛА НА ПАНАТИНАИКОС

Интересно е што поголемиот дел од интернационалната кариера Начевски ја мина во Грција. Три сезони играше за Ерготелис од Крит и го памети дуелот со Панатинаикос во 2006 година, кога го урнаа грчкиот гигант со победа од 1:0 на гости во Атина и беа директни виновници што Детелинките не ја освоија титулата.

„Тоа ми е една од најдрагите победи во кариерата. Панатинаикос и Олимпијакос тогаш ретко губеа на домашен терен, но ние успеавме да приредиме сензација. На Крит минав одлични три и пол години, а стекнав и многу пријатели. Потоа играв и за Керкира од Крф, па некако ми се погодуваше да настапувам за клубови од места што се туристички атракции во Грција. Престојот во Атина како играч на Илиопули беше последен за мене во трилингот клубови за коишто играв кај нашиот јужен сосед, а секаде бев одлично прифатен и се надевам дека возвратив со добри игри“, раскажува Начевски.

Одлично го познава грчкиот фудбал и на тикетот што го состави во хуманитарни цели одигра дури четири натпревари од ова првенство.

ВЕРУВА ВО ПАНДЕВ И СОИГРАЧИТЕ – МАКЕДОНИЈА МОЖЕ ДА БИДЕ ХИТ НА ЕВРОПСКОТО ПРВЕНСТВО

За А репрезентацијата на Македонија, Драган одигра 14 натпревари и постигна еден гол, против Шведска. Солиден биланс на натпревари, од кои посебно го памети ремито против Турција 3:3 на гостински терен пред две децении.

Неговата генерација не успеа да се пласира на големо натпреварување, но Начевски вели дека е пресреќен што Горан Пандев и сегашните момци конечно го остварија македонскиот сон со учество на Европското првенство што ќе се игра од 11 јуни до 11 јули годинава.

„Се радував како мало дете на победата против Грузија во Тбилиси. Заслужено се пласиравме на ЕП, а особено ми е мило заради Пандев. Таква фудбалска легенда, велемајстор на играта, но, пред сè, прекрасен човек, заслужи да игра на големо натпреварување во дресот со национални бои. Во него имаме лидер што има и квалитет и карактер да не предводи на шампионатот, а секако морам да ги споменам и сите останатите наши репрезентативци, стручниот штаб и ФФМ. Имаме играчи што настапуваат во силни лиги и клубови, како Барди, Несторовски, Елмас, Адеми, Ристовски…, а сите заедно што играа и учествуваат во прекрасната фудбалска авантура на патот до ЕП заслужуваат огромни пофалби и честитки. Имаме квалитет предводен од Пандев да изненадиме и на шампионатот на најсилните европски селекции. Верувам дека и фудбалерите на теренот и ние сите што го сакаме фудбалот ќе уживаме во нивните претстави на ЕП“, заврши Начевски.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести