Српската тенисерка која го приреди најголемото изненадување на Вимблдон, живеела и тренирала во Скопје

Српската тенисерка Наталија Стевановиќ, која во првото коло на Вимблдон ја елиминира поранешната најдобра тенисерка Каролина Плишкова, и тоа во два сета, живеела и тренирала во Скопје. Стевановиќ, тогаш Костиќ, од 2007 до 2012 година, живеела во Скопје и тренирала во тогашниот тениски клуб МТП. Нејзин тренер бил Мишко Марковски.

Стевановиќ е вистинска хероина на Вимблдон не само поради победата над Плишкова, туку и поради тешкиот период во животот и минатата година дури размислувала да се откаже од тенисот.

Изминатите неколку години Стевановиќ имала операција на црниот дроб, тешко воспаление на бубрезите, вирусно воспаление (сипаници) и хормонски проблеми. Но, успеа да ги надмине сите проблеми, продолжи со тенисот и сега е главна сензација на женскиот турнир на Вимблдон.

„Не сакам да зборувам многу за сите лоши работи, секогаш гледам напред. Се ежам кога ќе помислам низ сè што поминав, но од друга страна, тоа ме направи посилна. На 20 години имав операвија на црниот дроб, имав циста и ми беше исечен половина стомак. Ми беа потребни цели две години да застанам на нозе, потоа уште една-две години да се вратам на ВТА ранг-листата, како и да играм без болки и тешки повреди.

Кога се појави корона-вирусот, повторно дојдоа проблемите. Во тоа време имав сипаници и 10 дена лежев во Воено-медицинскиот центар во Белград. Минатата година пред Отвореното првенство на Австралија имав тешко воспаление и на бубрезите и ми беа потребни шест месеци да се вратам и повторно да играм тенис. Минатата година пред Вимблдон размислував да се откажам од тенисот.

Не бевме во добра финансиска ситуација, имавме кредити кои моравме да ги плаќаме со сопругот, но одлучивме да го почекаме Вимблдон. За среќа, одигра одлично на неколку турнири, го подобри рејтингот и иако не настапив на Вимблдон, добив позитивна енергија да продолжам. Годинава, пак, имав и хормонски проблеми, но успеав. Не е лесна кариерата на спортистите, но сè додека имаме луѓе кои веруваат и постојано се со нас, нема ништо подобро од тоа“, изјави Стевановиќ по големата победа над Плишкова.

Таа во второто коло ќе игра против Тамара Корпач од Германија.

- Оглас -

Најнови вести