Тренерот на српскиот суперлигаш Инѓија, Александар Јањиќ, донесе необична одлука, им забрани на своите фудбалери да јадат свинско месо. Вакво нешто не се памети во историјата на српскиот фудбал.
Јањиќ смета дека мора да се мисли на исхраната како и во големите клубови во Европа, па се реши на ваков радикален потег, кој веројатно нема да им се допадне на играчите на клубот од областа Срем.
„Воведовме некои промени, едната е дека им забранив на играчите да јадат свинско месо. По конзумација на свинско, доаѓа до одредени процеси во организмот кои негативно се манифестираат. Во клубот ниту еден оброк нема да се подготвува од свинско месо, се надевам дека правилото ќе се почитува“, објасни тренерот, кој додаде дека ова се однесува на клупската кујна бидејќи тој не може да влијание на тоа што јадат фудбалерите кога се дома.
Инѓија е на 14-тото место на табелата, но не треба да се грижи за својот опстанок во Суперлигата бидејќи Фудбалскиот сојуз на Србија одлучи сезонава да нема испаѓање.