Српскиот репрезентативец Петар Ненадиќ блескаше со 12 голови во првото полуфинале на Ф4 турнирот во Келн и го предводеше Веспрем до финале во Лигата на шампионите, по победата против Кјелце со 33:30.
Ветеранот на 32-годишна возраст, со интересен прекар Петар Пан го бомбардираше голот на полскиот тим и од упатени 14 удари погоди дури 12 пати. Решавачко за победата на Унгарците беше второто полувреме што Веспрем го доби со 20:17, откако првото полувреме заврши нерешено со резултат 13:13.
Веспрем со оваа победа им се реваншираше на ривалите од Полска за поразот во едно од најдраматичните финалиња во ЛШ, тоа во 2016 година, што Кјелце го доби на пенали со 39:38 и ја освои титулата.
Кај Веспрем сега проблем за финалето ќе биде повредата на Арпад Штербик, кој имаше 8 одбрани за дваесеттина минути во првото полувреме, но настрада при еден дуел со Мамиќ и можно е да не брани во финалето.
Гајиќ со пет погодоци и Лекаи и Штрлек со по 4 беа најдобрите стрелци кај Веспрем, секако зад Ненадиќ. Нашиот Дејанј Манасков остана на клупата и не доби шанса да игра.
Кај Кјелце двајцата поранешни вардарци Дујшебаев со 7 гола и Циндриќ со 4 беа најефикасни, заедно со Каралек кој петпати ја тресеше мрежата на Веспрем.