Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска имаше свечен прием на спортистите кои ќе го претставуваат нашиот северен сосед на Олимписките игри во Токио, а најинтересен момент беше кога испрати посебна порака до двете спортистки кои може против себе да имаат ривалки од Косово.
Теквондистката Марица Перишиќ и џудистката Милица Мандиќ може во Токио да се најдат во ситуација да треба да се борат со противнички од земја која Србите ја сметаат за своја и не ја признаваат како независна.
„Милице и Марице, вие сте спортистики, не се грижете за ништо. Ако се сретнете со спортисти од таканареченото Косово, не ве тераме на политички акти, нема да бараме од вас да го напуштите натпреварувањето или подиумот. Многу труд имате вложено за да дојдете до Олимписки игри. Од вас очекуваме да се борите и да го правите тоа во што сте најдобри, а ние на преговарачка маса ќе го решаваме тоа што треба со Приштина“, рече претседателот Вучиќ.
Јапонските институции одлучија на борилиштата да нема публика и затоа Летните олимписки игри кои ќе се одржат од 23 јули до 8 август ќе бидат најчудни во историјата на спортот.