Црвена ѕвезда има двојна причина за славење вечерва. Неочекуваната победа против Ливерпул освен што донесе три бода, на тимот од стадионот „Рајко Митиќ“ му донесе и многу пари. Според пресметките, српскиот првак сезонава досега заработи 20 милиони евра.
Победата над Ливерпул значеше нови 2,7 милиони евра, кои ако се додадат на 900.000 евра заработени од бодот освоен против Наполи, Црвена ѕвезда досега од четирите освоени бода вкупно има заработено 3,6 милиони евра. На оваа сума треба да се додадат и 15.250.000 евра кои ги добија сите 32 учесника во групната фаза. Низ квалификациите, Ѕвезда заработи 1.140.000 евра, што значи дека досега вкупно „црвено-белите“ имаат заработено 19.900.000 евра од настапите во ЛШ. Во оваа сума не се пресметани и парите кои треба да ги добијат од ТВ-правата, како и финансиите заработени од продадените влезници. На двата домашни меча, стадионот на Ѕвезда беше полн, што значи и многу пари од продадените билети.
Едноставно, Црвена ѕвезда на вистински начин го искористи фактот дека успеа да се пласира во групната фаза од елитното натпреварување на УЕФА.