Новиот селектор на српската фудбалска репрезентација, Вељко Пауновиќ, ја подготвува селекцијата за пријателскиот дуел против Шпанија, кој се игра утревечер во Вилјареал. Пауновиќ пред неколку месеци седна на селекторското место на местото на Драган Стојковиќ-Пикси, откако Србија имаше неуспешни квалификации за пласман на СП 2026.
Пауновиќ во интервју за шпанскиот весник „Марка“ зборуваше за тоа како репрезентаците од Балканот треба да го следат примерот на Хрватска, која веќе со години е меѓу најдобрите во светот и секогаш е дел од големите натпреварувања. Пауновиќ верува дека клучот за силата на хрватската репрезентација во последните петнаесет години е навременото препознавање на таленти кои пораснале надвор од својата татковина.
„Мора да се признае дека Хрватска заврши многу добра работа. Генерацијата што ја имаа во последните десет или дури петнаесет години има многу играчи кои пораснале во дијаспората, во земји со многу хрватски имигранти, што ги има и Србија. Ги фатија тие играчи навреме. Донесоа поинаков менталитет, елитна европска подготовка и тренинг, а ова, заедно со талентот што продолжија да го откриваат и да го создаваат во сопствената земја им помогна да создадат многу силна генерација“, рече Пауновиќ.
Српскиот селектор нагласи дека Србија сега се обидува да примени сличен модел, учејќи од сопствените грешки.
„Од друга страна, ние не ја завршивме добро таа работа и сега ја развиваме, обидувајќи се да не копираме, туку да учиме од нашите грешки. Ние сме многу слични народи, делиме култура и јазик и треба да направиме многу повеќе за да го достигнеме тоа ниво. Треба да го следиме патот што го помина Хрватска, но и да ја донесеме нашата сопствена автентичност и со играчи развиени дома и со оние што ги имаме во дијаспората“, заклучи Пауновиќ, кој е роден во Струмица.

