Женската фудбалска репрезентација на Англија ја одбрани европската титула, откако синоќа во драматично финале, дури по подобро изведување на пенали ја победи Шпанија. На овој турнир кој се играше во Швајцарија, срушен е рекордот за посетеност.
Според пресметките, уште пред почетокот на финалето беше поставен нов рекорд по бројот на гледачи на еврошампионат за жени. По двата полуфиналиња, бројката беше 620.000 гледачи, што веќе значеше нов рекорд. На претходното ЕУРО, пред три години, 574.875 фудбалски навивачи ги гледаа натпреварите во живо на англиските стадиони. Дури 29 од 31 натпревар на Евро 2025 беа распродадени, а по финалето, вкупната бројка на гледачи на стадионите на ЕП 2025 изнесува 657.300 гледачи.
Покрај добрата посетеност на натпреварите, Швајцарците беа пофалени и за нивниот потег поврзан со превозот – тие вклучија бесплатен јавен превоз со возови, трамваи, автобуси, па дури и бродови во цената на билетот, а националната швајцарска железничка компанија SBB понуди 400 специјални возови за навивачите за време на Европското првенство.
На овој начин, дури 86 проценти од навивачите стигнаа до стадионот на „зелен“ и одржлив начин, на што додадоа и пешачење и возење велосипед.