Македонската фудбалска репрезентација во септември ќе продолжи со квалификациите за пласман на Светското првенство во 2026 година. Македонија моментално е на првото место во група во која се и Белгија, Велс, Казахстан и Лихтенштајн.
Следниот предизвик на Македонија ќе биде дуелот против Лихтенштајн на 7 септември во Скопје. Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија донесе одлука со која се утврдуваат цените на влезниците за натпреварот помеѓу Македонија и Лихтенштајн.
Цените на влезниците изнесуваат 300,00 денари за западната трибина на Националната арена „Тодор Проески“, 400,00 денари е цената на билет за јужна трибина (блок 1, 2, 5 и 6) и северна трибина (блок 13, 14, 18, 19, 20 и 24), а 500,00 денари е цената на влезница од Прва категорија, северна трибина (блок 21 и 23) и јужна трибина (блок 3 и 4).
Фудбалската федерација на Македонија ќе им овозможи бесплатен влез на источната трибина на младите фудбалери придружувани од своите тренери од Детската лига, фудбалските школи од регионалните лиги и сите млади категории (пионери, помлади пионери, кадети, младинци) во клубовите во системот на натпреварување на ФФМ.

