Усман Дембеле во саботата се здоби со повреда на задниот дел на бутниот мускул само по 25 секунди во поразот од Селта Виго, по што мораше да му го препушти местото на младиот Алекс Колјадо. Тоа беше шеста повреда на Французинот откако пристигна во редовите на шпанскиот првак во 2017 година.
Според првите проценки, Дембеле до крајот на сезоната нема да се врати на терените, а дефинитивно утре нема да биде во конкуренција за настап во реваншот против Ливерпул во полуфиналето од Лигата на шампионите.
Дембеле во двете сезони како член на Барселона пропушти 36 меча во сите натпреварувања поради повреди, а со оглед на тоа дека во Ла Лига преостануваат уште две кола, односно Барселона допрва треба да го одигра финалето во Купот на Кралот против Валенсија, таа бројка на пропуштени натпревари може да се зголеми кај Дембеле. Исто така не би играл во финалето од ЛШ доколку Каталонците утре го елиминираат Ливерпул.
Тоа значи дека брзоногото крило ќе пропушти една третина од натпреварите откако се пресели во Барселона, а досега настапи вкупно на 65 меча во овие две сезони потигнувајќи 18 гола и 17 асистенции.
Преголема цифра за фудбалер од кого се очекува многу бидејќи Барселона кешираше 105 милиони евра, плус бонуси за да го купи Дембеле од Борусија Дортмунд и воедно беше најавен како замена за Нејмар.