Стивен Стамкос е подготвен повторно да го крене пехарот во НХЛ-лигата, во популарниот Стенли куп, а неговиот тим Тампа беј лајтнинг води со 2:0 во финалето против Монтреал канадијанс откако ноќеска славеше со 3:1.
Стамкос, кој има македонски корени, е капитен на Грмотевиците и лани конечно успеа да се закити со титулата во најсилната лига во хокеј на мраз откако во првиот обид во финалето во 2015 година со соиграчите беше поразен од Чикаго блекхокс.
Тампа и ноќеска беше подобар тим од најтрофејната екипа во НХЛ, Монтреал, и победи со головите на Чирели, Колеман и Палат. Единствениот погодок за Канаѓаните го постигна Сузуки.
Во првиот меч Грмотевиците беа уште поубедливи и славеа со 5:1, како најава дека ќе успеат да ја одбранат титулата што лани ја освоија со конечен триумф против Далас старс со 4:2.
Стамкос игра за Тампа беј од 2008 година и тоа му е единствениот клуб во кариерата за којшто настапува како професионалец.
Финалната серија стандардно се игра до 4 победи, а сега на ред се дуели во Монтреал.