Њу Џерси и Тампа беј го пренесоа фудбалското лудило од мечот меѓу Ливерпул и Арсенал на мразот во „Пруденчл центарот“ во Њуварк, а речиси по ист рецепт, со многу драма, пресврти и дожд од голови заврши и хокеарскиот меч од НХЛ.
Ливерпул и Арсенал вчеравечер одиграа епски фудбалски меч во ЕФЛ-купот во Англија, што заврши со резултат 5:5 во регуларното време, а потоа црвените од „Енфилд“ се радуваа на плсаман понатаму по подобро изведување на пеналите.
И само неколку часа подоцна, хокеарите на Њу Џерси и на Тампа беј како сакаа да го репризираат фудбалскиот дуел на „Енфилд роуд“, па одиграа нерешено 6:6 во најубавиот меч сезонава во НХЛ-лигата.
По едно продолжение, со златен гол победи Тампа беј, а јунак беше Тајлер Џонсон, кој го реши мечот со гол веднаш на стартот на дополнителното време, во втората минута.
Во основниот дел имаше супер хокеј и неколку пресврти. Поведе Њу Џерси, па Тампа возврати со два гола за 2:1, потоа гостите имаа и предност од 3:2, но Њу Џерси ја превзеде контролата и со три погодоци по ред поведе со 5:3.
Но, тоа беше само дел од возбудувањата, па со 3 гола по ред повторно гостите беа поблиску до победата и поведоа со 6:5 на помалку од четири минути до крајот. Кога веќе се подготвуваа за славење, Палмиери на 8 секунди до крајот израмни на 6:6, па се играше и продолжение, што го одлучи Џинсон со гол веднаш на стартот за победа на Тампа Беј од 7:6.
Капитен на гостите од Флорида е Стивен Стамкос, кој играше во втората напаѓачка постава на Лајтнинг, но, за чудо, не постигна ниту гол, ниту пак имаше асистенција.
Стамкос има потекло од Македонија, од каде што е родум неговиот татко, но Стивен е роден во Канада и игра за оваа селекција. Со Јаворовиот лист има освоено сребро на СП во 2009 година. Двапати беше најдобар стрелец во НХЛ-лигата и има шест настапи на олстар-дуелите, а беше прв пик на драфтот во 2008 година.