Шпанија синоќа очекувано ги освои трите бода на гостувањето кај Малта. „Црвената фурија“ славеше со 2-0 и со максимални шест бода потврди дека е на вистински пат кон обезбедување учество на Европското првенство 2020 година.
Изненадувачки, на дуелот во Малта, улогата на селектор ја имаше Роберт Морено. Тоа е помошникот на Луис Енрике, кој е главниот стратег во националниот состав. Енрике допатува во Малта, но многу брзо потоа си замина. Од Шпанската федерација само потврдија дека селекторот морал да си оди поради семејни причини, но ниту еден од таборот на „црвената фурија“ не откри што е причината.
И без Енрике на клупата, Шпанија ја заврши работата и победнички си замина од Ла Валета. Морено, кој беше селектор на еден ден, воопшто не беше среќен по завршување на средбата.
„Ова е најтешкиот ден во мојата кариера. Се обидовме да направиме сè како што треба, а цело време во нашите мисли беше Луис Енрике. Луѓето ми честитаат, но ова не е нешто на кое треба да се честита. Ова е ситуација која не требаше да се случи. Познавајќи го Енрике, знаев дека треба да се однесуваме на професионално ниво и да го направиме тоа што треба на овој меч. Сакавме само да победиме за селекторот. Оваа победа е за селекторот и неговото семејство. Цела селекција е како семејство и затоа кога некој има лични проблеми, на сите ни е тешко“, вели помошникот на Енрике, Морено.