Македонската репрезентација за фудбалери до 21 година утре од 18.15 часот во Битола го игра својот втор натпревар во квалификациите за Европското првенство 2027, ривал ни е Италија.
По поразот во Краков од Полска во првото коло, селекторот Горан Станиќ очекува сосема поинаков натпревар.
„Полска е зад нас, ги воочивме грешките и ќе се потрудиме да не се повторат утре против Италија. Имавме и низа позитивни работи од мечот во Краков. Бевме речиси егал во посед на топка, ни недостасуваше последно додавање и завршница, а головите ги примивме наивно. Еден автогол, вториот од сомнителна ситуација за офсајд и последниот по индивидуална грешка. Резултатот не е мерило за играта“, изјави селекторот.
Тој додаде дека тимот е целосно подготвен за новиот предизвик.
„Фудбалерите се подготвени за Италија. Анализиравме и планот за мечот е направен. Италија е многу поразлична репрезентација од Полска. Играат различен систем, тактички се на врвно ниво, имаат брзи крила и треба да бидеме многу внимателни“, порача Станиќ.