Новиот селектор на репрезентацијата за фудбалери до 21 година, Горан Станиќ, го објави списокот со повикани фудбалери за мартовскиот прозорец на ФИФА. Македонија ќе одигра контролни дуели против Азербејџан и Белорусија во Анталија, а во конкуренција за настап ќе бидат вкупно 25-мина фудбалери.
Македонија во Анталија ќе биде од 17 до 26 март, дуелот против Белорусија е на 21 во 14 часот, додека против Азербејџан ќе играме на 25 со почеток во 18 часот.
„Ќе го искористиме првиот наш заеднички собир за да ги запознаеме добро фудбалерите со методите на работа, како и тоа што ќе се бара од нив, како на тренинзите така и на самите натпревари. Повикани се фудбалери од нашето првенство кои имаат најголема минутажа во своите клубови. Имаме повикани и неколкумина играчи од странство за кои сметаме дека може да го подигнат квалитетот на нашата репрезентација. Одредени фудбалери кои не се повикани на овој собир, а се потенцијални репрезентативни кандидати, ќе добијат можност на следниот собир кон крајот на мај. Очекувам дека идеите што ги имаме ние како стручен штаб ќе успеат самите фудбалери брзо да ги разберат и ефикасно да ги спроведат на теренот. Ќе се потрудиме максимално подготвено да ги дочекаме квалификациите за пласман на ЕП, кој ќе стартуваат во септември. Во рамките на овие подготовки ќе одиграме два натпревари против Белорусија и Азербејџан. На двата меча фокусот ќе биде ставен на нашата игра. Се надевам дека сите тактички замисли што ќе ги работиме во текот на подготовките да бидат спроведени на теренот“, рече Горан Станиќ.
Репрезентацијата до 21 година во март и јуни ќе игра само пријателски дуели, а квалификациите за Европското првенство ги започнува во септември. Македонија е во група со Полска, Италија, Ерменија, Црна Гора и Шведска.