Во пресрет на пријателскиот меч на Македонија, против Летонија во Скопје и квалификациската средба против Велс во Кардиф, напаѓачот Лука Станковски најавува дека очекува позитивни резултати од двата дуела.
Секако, многу поважен ќе биде натпреварот против Велс во гости, кога ќе се крои табелата во квалификациите за СП 2026 и ќе се знае дали Македонија или Велшаните ќе бидат втори на крајот.
„Тоа ќе биде клучен меч за нас. Се надевам дека ќе го оствариме нашиот сон. Ние на секој меч одиме на победа. Очекувам да не биде сличен меч како тој во Белгија. Тоа што го одигравме во Белгија беше наша тактика и ни успеа да извадиме добар резултат. Селекторот е задолжен за тоа. Против Летонија очекува да имаме добра подготовка за тоа што ни следува во Кардиф“, вели Станковски.
Лука не се согласува со констатацијата на селекторот на Велс, Крег Белами, дека Македонија има среќа што нема пораз во квалификациите.
„Не се согласувам. Точно е дека треба среќа, но ние играме квалитетно. Среќа може да се има на еден меч, но е во текот на целите квалификации“, заврши Станковски.

