Најсиромашниот континент, Африка, се подготвуваше за фудбалски спектакл во јануари и февруари и за новото издание на континенталниот шампионат, но сега е многу веројатно дека фудбал нема да се игра и дека ќе се случи и трето одложување на популарниот АФКОН.
Африканскиот куп на нациите повторно ќе биде одложен, сега поради ковид-19, односно поради новиот вид на корона-вирусот, омикрон.
Одлуката треба да биде донесена денеска, но најавата е дека речиси сигурно нема да се игра фудбал во Камерун од 9 јануари до 6 февруари.
АФКОН двапати веќе беше пролонгиран поради климатските услови, а првично беше закажан за терминот јуни/јули 2021 година.
Потоа беше одлучено да се игра во јануари и февруари истата година, но беше одложен поради ковид-19, што веројатно ќе се случи и сега точно една година подоцна.
Актуелен шампион од 2019 е Алжир, а ова издание што сега станува неизвесно дали ќе се игра треба да биде 33-то на Африканскиот куп на нациите.