Станува опасно пред Грузија – Уште четворица фудбалери на Динамо имаат позитивен тест, не се знае дали Адеми е меѓу нив?

Динамо Загреб има огромни проблеми со корона-вирусот, а уште четворица фудбалери на тестирањето непосредно пред утрешниот меч со Волфсбергер имаат позитивен наод на ковид-19.

Стандардно, според задолжителните протоколи, имињата и презимињата не се објавуваат, па и за нас станува неизвесно ако Аријан Адеми, капитенот на Динамо, е меѓу нив.

Вкупно деветмина играчи од списокот пријавен до УЕФА за Лигата на Европа од Динамо имаат позитивни тестови и нема да играат утре против австрискиот тим на „Максимир“ од 21 часот.

Македонија треба да игра со Грузија во Тбилиси на 12 ноември, а засега неизвесен е само настапот на Кире Ристевски од унгарски Ујпешт, кој има позитивен тест на ковид-19.

За дефанзивецот на македонската репрезентација има надеж дека ќе може да патува за Тбилиси бидејќи на 10 ноември му истекува рокот за задолжителен карантин, а токму на тој ден ќе треба да има ново тестирање, и тоа во Скопје, пред пат за Грузија.

Против Грузијците ќе играме финален меч од Сегментот Д во Лигата на нациите за шампион во премиерното издание и, што е уште поважно, тоа ќе биде нокаут-меч за пласман на Европското првенство што ќе се игра идната година.

 

- Оглас -

Најнови вести