„Старата дама“ најдоминантна на Стариот Континент

Во целосна доминација и во домашното првенство и во својата група од Лигата на шампионите од европските клубови засега ужива само Јувентус. „Старата дама“ има девет победи на девет официјални мечеви во Серија А и ЛШ, биланс каков што нема никој друг на Стариот Континент.

Тимот на тренерот Масимилијано Алегри посакува да го стигне рекордот на Милан од 13 победи по ред на првите 13 официјални мечеви во сезоната 1992/93, но и вака има супер биланс.

Според италијанските медиуми, главни причини за ваквата ситуација се доаѓањето на Кристијано Роналдо, разновидноста во листата на стрелците и постојаното менување на тактичката формација.

Роналдо не дава голови колку што се очекуваа од него, но самото негово присуство е голем плус и отвора повеќе простор за останатите играчи на Јувентус. Тоа се гледа и со фактот дека на секој меч, различен играч ги постигнува решавачките голови. Некогаш јунак е Дибала, некогаш Манџукиќ, некогаш Бернардески, па и Роналдо.

Тимот некогаш игра со тројца, некогаш со четворица дефанзивци, Алегри има неколку решенија, никогаш не е здодевно и подготвени се да го изненадат противникот.

- Оглас -

Најнови вести