Јувентус го совлада Интер во Милано со 2-1 и се искачи на првото место во Серија А. Сите три гола на вечерашното дерби ги постигнаа аргентински фудбалери. За Интер ова е прв меч сезонава на кој не победи, а Јуве со новите три бода се искачи на врвот и покажа дека и понатаму е тим број 1 во Италија.
Интер три години нема победа над Јувентус. Тимот на Антонио Конте веруваше дека може да го надигра и големиот ривал, но реалноста е поинаква.
Пред две сезони, во пролетта 2018 година на мечот Интер – Јуве голови дадоа Аргентинците Икарди и Игуаин, а вечерва погодија нивните сонародници Мартинес, Дибала и Игуаин.
Голот на Дибала падна по 215 секунди игра и тоа е најбрзиот гол на Јуве против Интер во Милано во последните шест години.
Головите во четвртата и 18-тата минута се најбрзите голови на двете страни на италијанското дерби од 2002 година наваму. Пред 17 години, Сидорф и Трезеге погодија за 1-1 во 13-тата минута. За првпат по мај 2015 двата тима дадоа гол во прво полувреме на меѓусебен меч.
Победата на гостите им ја донесе Игуаин во 80-тата минута. Популарниот Пипита влезе во игра во 62-рата минута и се покажа како златна резерва.
Ова е голот за победа на Јувентус:
https://twitter.com/i/status/1180943465036894210