Стартува новата сезона во кошаркарската Прва лига

По пауза од пет месеци, кошаркарскиот крем повторно се враќа на македонската сцена. Оваа сезона 11 екипи ќе учествуваат во Првата лига, откако Шкупи ја доби поддршката од останатите клубови да учествува во елитното друштво. Четири денешни дуели ја отвораат новата сезона, а актуелниот шампион Работнички одбраната на титулата ја започнува од Охрид.

Екипата од „Градски парк“ со исти амбиции влегува и во новата сезона, да бидат најдобри и да останат на тронот, тронот кој го освоија лани и ја прекинаа шестгодишната доминација на МЗТ Скопје. Токму „штрковите“ беа противниците на Работнички во последната финална серија, а и оваа сезона ќе бидат најголемиот ривал на „центарци“ во трката за посакуваниот трофеј.

Освојувачот на минатогодишниот Куп на Македонија, тимот на МЗТ Скопје, уште на стартот го очекува дерби пресметка. „Аеродромци“ гостуваат во Гевгелија кај Блокотехна, екипата која минатата сезона им нанесе три порази на МЗТ.

Повратникот во Првата лига,  составот на Вардар на свој терен го пречекува Куманово, додека Фени ќе биде домаќин на Пелистер. Тимот на Гостивар пред своите поддржувачи во салата „Младост“, ќе го пречека Кожув. Шкупи во првото коло е слободен.

ПРВО КОЛО:

6-ти октомври:

Охрид – Работнички, 17 часот

Вардар – Куманово, 17 часот

Фени индустри – Пелистер, 18 часот

Гостивар – Кожув, 18 часот

7-ми октомври:

Блокотехна – МЗТ Скопје, 17:45 часот

- Оглас -

Најнови вести