27.8 C
Skopje
понеделник, 14 јули 2025

Стартуваа подготовките на кошаркарската репрезентација на Македонија

Вечерва, со првиот тренинг во салата на СРЦ „Кале“ и официјално почнаа подготовките на нашата машка сениорска репрезентација.

Селекторот Марјан Илиевски и неговите соработници, Мирко Петрески, Борче Даскаловски и Миодраг Тодоровиќ, на првиот собир ги имаа на располагање следниве кошаркари: Марин Петков, Андреј Магдевски, Амар Хот, Валмир Какруки, Лука Стојановски, Андреј Митревски, Максим Митревски, Лука Савичевиќ, Андреј Андоновски и Марко Миловановиќ.

Лејсон Зекири го информирал селекторот Марјан Илиевски дека чувствува болки, па го пропушти првиот собир во СРЦ „Кале“.

На 17-ти јули, непосредно пред заминувањето за Гевгелија, на националниот тим ќе му се приклучи Адем Мекиќ, а два дена подоцна, во стројот ќе биде и Теодор Симиќ.

Од претходно, селекторот Илиевски доби информација дека Андреј Јакимовски ќе се појави на подготовките на 23-ти јули, односно неколку дена пред првите официјални проверки на нашиот национален тим.

Во моментов од играчите кои се на поширокиот список за настап во претквалификациите, Марко Луканоски и Стефан Стојковиќ имаат обврски кон селекцијата „Под 20“ години која во моментов игра на ЕП од Дивизијата „Б“ во Ерменија, додека Никола Јаничиќ го чекаат настапи за селекцијата „Под 18“ години на Европското првенство од Дивизијата „А“ во Србија.

Токму на југот од нашата земја, нашите најдобри кошаркари ќе бидат дополнително засилени, затоа што по нешто подолга пауза, во нашиот национален тим се враќа натурализираниот Македонец, Џејкоб Вајли.

Во Гевгелија, „црвено-жолтите“ ќе имааат две пријателски средби. На 25-ти и 26-ти јули, ќе ни гостува сениорската репрезентација на Швајцарија, по што следува преселба во Куманово каде „црвено-жолтите“ ќе ги дочекаат претквалификациските натпревари.

Македонија е дел од групата „Б“ од ова натпреварување, во која за противници ги има националните тимови на Романија и на Унгарија.

Согласно со распоредот, на втори август, во Куманово, Македонија ќе го пречека составот на Романија. Потоа следуваат две „врзани“ гостувања. Прво на деветти август, во Шолнок, каде Македонија ќе игра против Унгарија. Неколку дена подоцна, на 13-ти август, во Орадеа, нашите сениори ќе ги одмерат силите со репрезентацијата на Романија.

Втората фаза од претквалификациите за пласман на Светскиот Куп, ќе ги затвориме на 20-ти август во Куманово, каде за противник ја имаме селекцијата на Унгарија.

- Оглас -

Најнови вести