Стефани Фрапарт ќе биде првата дама што ќе суди на Европско првенство во машки фудбал, а се најде на листата на УЕФА за континенталниот шампионат што ќе се игра од 11 јуни до 11 јули.
Ќе игра и Македонија исто како и 37-годишната судијка со дебитантски настап на ЕП, па можно е Фрапарт да им биде главен арбитер на некој од трите дуели во фазата по групи, против Австрија, Украина или Холандија.
Стефани во април 2019 година беше првата жена што судеше меч во француската Лига 1, а дебитираше во родната земја на дуелот меѓу Амиен и Стразбур.
Потоа доби одлична шанса да го суди мечот од УЕФА Суперкупот меѓу Ливерпул и Челзи истата година. Лани ја запиша и Лигата на шампионите во колекцијата како прва претставничка на понежниот пол што судела меч од луксузното натпреварување, а им ја делеше фудбалската правда на Јувентус и Динамо Киев.