Стерлинг: Го одбрав Челзи затоа што не можев да прифатам во екот на мојата кариера да не сум стартер

Рахим Стерлинг, новата ѕвезда на Челзи, првпат проговори околу причините зошто го напушти Манчестер сити, актуелниот англиски првак каде што мина седум успешни сезони.

Иако има 27 години, англискиот крилен офанзивец уште како тинејџер беше стартер прво во Ливерпул, а потоа и за Граѓаните, а како што одминуваше времето, така постепено ја губеше важноста кај Пеп Гвардиола.

„Уште на 17 години бев првотимец, стартер каде и да играв. Сега, кога се чувствувам дека сум во екот на мојата кариера, да немам таква улога за мене беше неприфатливо. Имав неколку понуди, но од повеќе причини најлогична ми беше на Челзи и затоа ја прифатив. Овој клуб редовно се бори и освојува трофеи, тоа го докажа во изминатите неколку години, а особено ме привлече пристапот на тренерот Тухел, кој укажа доверба во мене и мојот стил на игра“, посочи Стерлинг на прес-конференцијата во пресрет на дербито против Тотенхем.

Градското дерби меѓу Челзи и Тотенхем е прво од специјалните дуели во новата сезона од Премиер лигата, а е предвидено да се одигра во недела, во 17:30 часот. Инаку Стерлинг веќе дебитираше за Сините во гостинската победа над Евертон од 1-0 во премиерното коло од англиското првенство.

- Оглас -

Најнови вести