Селекторот на американската кошаркарска репрезентација, Стив Кер, се спаси од елиминација во полуфиналето на олимпискиот турнир во Париз. Американците губеа од Србија цели 37 минути, но во финишот на средбата, НБА -ѕвездите направија пресврт и на крајот стигнаа до победа од 95:91, а со тоа и до место во финалето и борба за златото.
Стратегот на САД, Кер, призна дека бил многу загрижен за тоа како се движел резултатот во текот на полуфиналето против Србија, па на крајот сепак стигна до посакуваната победа.
„Тежок меч, тоа и го очекувавме. Србија има многу добар тим, со добар тренер. Тешко е да се победи еден тим трипати по ред, односно двапати на овој турнир. Одиграа феноменален меч. Не очекував Аврамовиќ да даде три тројки во првото полувреме. Пресуди нашиот импулс, притисокот го направи своето. Низ кариерата секогаш ми е жал за тимот кој загубил. Ги видов играчите на Србија како плачат. Направија сѐ за да нѐ победат, но не успеаја. Ова беше еден од најдобрите кошаркарски натпревари. Бев загрижен во текот на мечот. Никола Јокиќ е најдобар кошаркар во светот, а Србија секогаш е меѓу најдобрите во светот. Долго губевме, но имавме токму доволно време за да се вратиме и да победиме“, рече Кер.