Македонскиот репрезентативец Бојан Миовски би можело да добие вистинска легенда на Премиер лигата за нов тренер во Глазгов ренџерс. Шкотскиот гигант официјално се раздели со менаџерот Расел Мартин и неговиот стручен тим, со образложение дека „резултатите не ги оправдуваат очекувањата“. Англичанецот го водеше Ренџерс на 17 натпревари, но од почетокот на сезоната забележа само една победа.
По вчерашното реми со Фалкирк (1-1), каде што Бојан Миовски го постигна единствениот гол за Ренџерс, полицијата мораше да го извлече Расел Мартин од стадионот за да го заштити од гневот на навивачите. Тимот сега се наоѓа на осмата позиција, со 11 бода заостанување зад лидерот Хартс.
Стивен Џерард, легендата на Ливерпул, се смета за главен фаворит за враќање на „Ајброкс“. Поранешниот врвен играч го презеде клубот во летото 2018 година и помина три сезони, освојувајќи ја титулата во сезоната 2020/21.
Тој си замина во ноември 2021 година за да ја преземе Астон вила, но помалку од една година подоцна беше отпуштен. Потоа работеше и во Ал-Етифак во Саудиска Арабија.
Имињата на Дани Рол, Шон Дајш и Грем Потер исто така се споменуваат како можни наследници на менаџерската позиција во Глазгов ренџерс.