Тренерот Роберто Парондо и капитенот Стојанче Стоилов се оптимисти дека Вардар в недела може да ја совлада Барселона во ракометната Лига на шампиони и да се истакне како прв кандидат за водечкото место во групата.
„Барселона е многу силен тим. Очекуваме одлична атмосфера, знаеме дека салата ќе биде исполнета и пред нас е добар меч. Барса е меѓу најдобрите тимови во Европа, секогаш е во врвот. Оваа сезона се подобри од лани и од претходната сезона. Сигурно следи тежок и неизвесен меч. Ние тренираме добро и подготвени сме за ова дерби“, најавува тренерот на Вардар.
Според Стоилов, ова е битка за прво место во групата.
„Кога ги извлекоа групите, Барселона се издвои како фаворит за првото место во групата, но ние можеме со нив да се носиме. Играме пред наша публика, ќе ги очекува пекол и ако дадеме сè од себе, можеме да ги победиме. Двете екипи добро се познаваат и мислам дека ќе одлучи борбеноста“, рече пикерот на Вардарци.
Околу мотивацијата, Стоилов кажа: „И во клуб кога играме компјутерски игри, се тепаме и сакаме да победиме, а не па вака на дуел против Барселона“.
Средбата во „Јане Сандански“ се игра в недела од 17 часот, а од клубот побараа публиката да дојде порано за да се запази редот.