Покрај Борко Ристовски, нова функција во најтрофејниот македонски ракометен клуб, Вардар, има и Стојанче Стоилов.
Стоилов ќе биде координатор на младинските школи и во исто време ќе му биде помошник тренер на Владо Недановски.
„Прво благодарам што дојдовте во овој број, и медиуми и Комити. Уваво ми е да седам на маса со луѓе кои му мислат добро на Вардар. За жал, низ последните години, Вардар беше оставен сам на себе, без ветената помош и опструкции кои му се правеа на клубот, но мислам дека ќе имаме повеќе време да ги видиме проблемите. Друго е кога си играч, но сега во нови улоги, заедно со Борко сакаме да го вратиме Вардар каде му е местото, да биде шампион на Македонија и да играме во Лигата на шампионите. Не ветуваме дека преку вечер веднаш ќе дојдеме до тоа. Имаше многу пропусти низ годините, кога целиот клуб беше разнишан и се запоставија младинските категории и сакаме да го смениме тоа. Сакаме да работиме со младите, ракометот беше спорт број еден во Македонија, ќе одиме чекор по чекор да го вратиме клубот каде му е местото“, изјави Стоилов на прес-конференцијата.
Тренер на првиот тим на Вардар останува Владо Недановски.
„Сакам да ја искажам мојата Благодарност до Мијахловски што и покрај третото место од лани ја доби довербата да бидам тренер и оваа сезона. Тоа за мене претставува голема чест. Ќе се вратиме во 2003 година кога Михајловски ми се јави и ме повика да дојдам во Вардар како 17-годишно момче, а денеска навистина ми е чест што и 20 години подоцна повторно седам до Михаловски. Што се однесува до Стоилов чест ми е задоволство што заедно ќе сме во стручниот штаб. Тој е најголемото вардарово име, и благодарност што прифати да биде координатор на младинските школи и да ми биде помошник. Навистина ќе биде чест заедно да работиме до новите успеси на Вардар“, изјави Недановски.