Стојчевски: Свесни сме која е Холандија, но и ние имаме потенцијал

Фудбалската репрезентација на Македонија за играчи до 21 година утре во Алмере со почеток од 20 часот ја очекува дуел со Холандија од квалификациите за пласман на Европското првенство, кое следната година ќе се одржи во Словачка.

Нашите млади фудбалери вечерва ќе го одработат последниот официјален тренинг пред утрешниот меч. Еден од клучните играчи на генерацијата предводена од Драги Канатларовски, Андреј Стојчевски даде свој коментар и видување за претстојните предизвици на Македонија.

„Најбитно е сите да бидеме здрави, физички и психички да бидеме подготвени за утрешниот предизвик. Нè очекува тежок натпревар против силен противник и ќе мора да бидеме максимално сконцентрирани во текот на сите 90 минути. Свесни сме за квалитетот со којшто располага Холандија, репрезентација која е една од најдобрите во Европа, но свесни сме и за нашиот потенцијал кој треба и се надевам дека ќе го покажеме. Единствено со многу борба и голема верба во самите нас можеме да се надеваме на позитивен резултат“, смета Стојчевски.

„Стартувавме многу добро во овие квалификации, но не успеавме да продолжиме во ист ритам. Многу често ни се случуваше пад на концентрација во клучни моменти, нешто што на крајот нè чинеше многу бодови. Продолжуваме понатаму, нема предавање, пред нас се нови натпревари од квалификациите. Од сите нас очекувам максимална жртва, многу борба и трчање, а со цел да се вратиме на победничките патеки како на почетокот на квалификациите. Секој треба да биде подготвен да го даде максимумот кога игра за Македонија бидејќи не секој ја има таа прилика да биде дел од репрезентацијата“, додава Стојчевски.

- Оглас -

Најнови вести