Селекторот на Србија, Драган Стојковиќ-Пикси, е оптимист дека неговата селекција може да ја победи Албанија во меч кој може многу да реши околу тоа кој ќе заврши на второто место во групата од квалификациите за пласман на Светско првенство 2026 година. Србија на 11 октомври ќе биде домаќин на Албанија во Лесковац, а победата е приоритет за домаќините.
„Мислам дека ќе играме во плејофот. Знаеме колку е важен натпреварот со Албанија, тоа е дуел за второто место, ни го отвора патот до март следната година, кога е плејофот. Верувам дека имаме квалитет за таа цел“, вели Стојковиќ.
Во групата К, Англија е убедлива со максимални 15 бода од пет меча, а потоа следува Албанија со осум бода од пет натпревари, пред Србија, која има седум бода од четири средби. Летонија е со четири бода од пет меча и е без шанси, исто како и фенерџијата Андора, која нема освоено ниту еден бод.
„Секој натпревар е важен и значаен. Гледајќи ја табелата и што може да се случи, Албанија е приоритет над сите приоритети. Не можете да играте против Португалија, Франција и Германија секој ден, мора да ги играте овие натпревари. За мене, ова е најважниот натпревар и противник. Дека имаме тежок натпревар – да, нема да биде лесен, но ниту тие. Ако не се ангажирате доволно, ќе имате проблем. Како што Барселона имаше проблем против Севиља затоа што не одговори правилно“, вели селекторот на Србија.
Србија во претходното коло дома загуби убедливо со 0:5 од Англија, а популарниот Пикси и за тоа има одговор.
„Може да се случи лош ден, лоша игра, така е во фудбалот. Тој ден не бевме на ниво и не можевме да се споредиме со Англија, учиме од секој натпревар. Барселона прими четири гола во Севиља, Атлетико му даде пет на Реал, не би ги споредил, сите натпревари се од големо значење за нас и бодовите се важни. Англија е минато, она што е важно за нас се Албанија и Андора. Ние дури и не размислуваме за Андора, туку за решавање на натпреварот со Албанија во наша корист. Мора да гледате кон иднината и она што е пред вас и тоа е природниот став што мора да го имаме, нема смисла да се враќаме во минатото“, коментираше предводникот на српската репрезентација, Стојковиќ.