Македонскиот репрезентативен голман Столе Димитриевски се врати на обврските во Валенсија, но неговиот прием во Шпанија не беше пријатен. Причина за тоа беше што новинар од „Ел Чирингито“ го следеше од аеродромот до автомобилот поради коментарите што Димитриевски ги даде во поткастот на Стефан Лазаров.
Иако вчера не сакаше да зборува пред медиумите, утрово имаше разговор со тренерот Карлос Корберан и сфати дека направил погрешна проценка.
Голманот му се извини лично на Корберан и на стручниот тим, а потоа и на соиграчите во соблекувалната.
На прес-конференцијата пред утрешното дерби со Леванте, Корберан објави дека Димитриевски ќе биде казнет и финансиски поради прекршување на дисциплинските правила во тимот.
„Во последните две недели фокусот ни беше целосно на натпреварот со Леванте. Столе се врати вчера и денеска разговаравме со него. Прво индивидуално, а потоа и пред соиграчите во соблекувалната. Тој се извини за изјавите кои беа неточни, бидејќи во Валенсија никој не игра заради клаузули во договорот.
Столе е свесен за грешката и им се извини на соиграчите и на стручниот тим. Јас ги почитувам дисциплинските правила и ќе добие соодветна финансиска казна. Со тоа сметам дека случајот е затворен,“ изјави Корберан, истакнувајќи дека ова нема да влијае врз спортските одлуки за неговите настапи.

